ЗА СЕФФ

Скопскиот економски и финансиски форум (СЕФФ) е иницијатива на Министерството за финансии чија цел е да ги олесни дебатите за јавните политики на теми релевантни за Република Северна Македонија и Југоисточна Европа, преку годишни конференции, повремени семинари и портал за политики за анализи и коментари.

Форумот треба да поттикне синергија на идеи и иницијативи од креаторите на политики, политичките претставници, меѓународните партнери за развој, граѓанското општество, академската заедница, бизнис секторот и другите експерти и чинители со цел да се подобри дијалогот за политики за економски и финансиски теми со национален и регионален дофат.

Одлуката на Министерството за финансии да организира меѓународна конференција на високо ниво произлегува од нашата заложба како институција да ги промовираме транспарентноста и инклузивниот дијалог со релевантните чинители. Инклузијата е од особена важност во создавањето идни политики и мерки, постигнувањето подобри резултати во остварувањето на нашите цели, т.е. економско закрепнување и инклузивен, забрзан и зелен раст.

ЗА КОНФЕРЕНЦИЈАТА

Годишната меѓународна конференција на Министерството за финансии е главниот настан организиран под покровителство на СЕФФ. Конференцијата има за цел да ја подобри кохерентноста на политиките и да го зајакне процесот на буџетско планирање. Нејзините препораки за политики и вредни увиди претставуваат важен придонес за фазата на формулирање политики за следната година, како и на среден рок. Освен тоа, иницира конструктивни идеи и препораки за политики што се применливи во регионален контекст.

Конференцијата ни нуди одлична можност да ги слушнеме искуствата и ставовите на високите владини претставници во регионот, како и на претставниците на меѓународните финансиски институции и бизнис секторот.

Учесниците имаат исклучителна можност да дискутираат за планирањето на макроекономските политики, јавните финансии и структурните реформи, мобилизацијата на приватниот капитал, зајакнатата регионална и европска соработка, итн. Исто така, Конференцијата нуди форум на високо ниво за размена на ставови за глобалните и регионалните перспективи за закрепнување и раст по пандемијата, на тој начин помагајќи ги здравите макроекономски политики, доброто владеење и учеството на граѓаните. Соодветната, навремената и добро насочена поддршка за социјална инклузија, дигитализација, зелена економија и формирање човечки капитал, исто така, би ја зголемила отпорноста во постпандемискиот период.

ШТО СЕ ОЧЕКУВА?

Важно е да се стави фокусот не само врз политиките што даваат силен поттик за закрепнување и забрзување на растот, туку и врз отпорноста во контекстот на нови предизвици. Препораките за политики ја истакнуваат потребата од кохерентно и сеопфатно креирање политики врз основа на докази проследено со постојано следење и темелна евалуација на политиките. Оваа година, фокусот е врз забрзувањето на европската интеграција на Западен Балкан во духот на планот на Европската комисија за Западен Балкан, најавен од Претседателката на Европската комисија, Н.Е. г-а Урсула фон дер Лејен, на крајот на мај 2023 година. Како што истакнуваат учесниците и чинителите, Годишната меѓународна конференција што ја одржува Министерството за финансии прераснува во традиција за почит.