ЗА СЕФФ

Скопскиот економски и финансиски форум (СЕФФ) е иницијатива на Министерството за финансии чија цел е да овозможи дебата за јавните политики на теми релевантни за Република Северна Македонија и за Југоисточна Европа, преку годишни конференции, повремени семинари и портал за анализи и коментари.

Тој треба да ја поттикне синергијата на идеи и иницијативи на креаторите на политиките, политичките претставници, меѓународните партнери за развој, граѓанското општество, академската јавност, бизнис-секторот и другите експерти и засегнати страни за подобрување на политичкиот дијалог на економски и финансиски теми со национален и регионален опфат.

Одлуката на Министерството за финансии за организирање на меѓународна конференција на високо ниво произлегува од нашата заложба како институција да промовираме транспарентност и инклузивен дијалог со голем број засегнати страни. Инклузивноста е од особена важност во креирањето на идни политики и мерки, со цел постигнување на подобри резултати во насока на остварување на нашите цели, односно економско закрепнување и инклузивен, забрзан и зелен раст.

ЗА КОНФЕРЕНЦИЈАТА

Годишната меѓународна конференција на Министерството за финансии е главниот настан организиран под покровителство на СЕФФ. Конференцијата има за цел да ја подобри кохерентноста на политиките и да го зајакне процесот на буџетско планирање. Нејзините препораки за политики и вредни сознанија ќе послужат како важен инпут во фазата на формулирање на политиката за следната година, како и за среден рок. Дополнитено, ќе иницира конструктивни идеи и препораки за политики применливи во регионален контекст.
Конференцијата ќе биде одлична можност да слушнеме искуства и ставови на високите владини претставници од регионот, како и на претставниците на меѓународните финансиски институции и на бизнис-секторот.
Учесниците ќе имаат единствена можност да разговараат за креирањето на макроекономските политики, јавните финансии и структурните реформи, мобилизацијата на приватниот капитал, засилената регионална соработка итн. Конференцијата ќе овозможи форум на високо ниво за размена на мислења за глобалните и регионалните перспективи на постпандемиско закрепнување и раст, поддржувајќи ги на тој начин здравите макроекономски политики, доброто управување и граѓанското учество. Соодветната, навремената и добро насочена поддршка за социјалната инклузија, дигитализацијата, зелената економија и создавањето човечки капитал, исто така, би ја зголемила отпорноста во постпандемиските времиња.

ШТО СЕ ОЧЕКУВА?

Важно е да се фокусираме не само на политиките кои ќе дадат силен поттик за закрепнување и забрзување на растот туку и на отпорноста во контекст на новите предизвици. Препораките во поглед на политиките ќе ја нагласат потребата за кохерентно и сеопфатно креирање политики засновани на докази, проследено со континуиран мониторинг и темелна евалуација на политиките. Годишната меѓународна конференција што ја одржува Министерството за финансии се предвидува да прерасне во традиција за почит.