На СЕФФ ќе се дебатира за макроекономските предизвици: Поддршка на граѓаните и бизнисот и одржување на стабилноста се целите на кус рок

Поддршка на стандардот на граѓаните, помош за бизнисот и одржување на стабилноста, се макроекономските предизвици кои ги донесоа енергетската и ценовната криза. Целите на фискалната политика, која ја спроведува Министерството за финансии, се насочени на одговор на овие предизвици на кус рок и понатамошно заздравување на економијата. На среден рок, фискалната политика ќе биде насочена кон градење на економија поотпорна на шокови и со повисоки и одржливи стапки на економски раст.

Во насока на одржување на отворена платформа за дискусија и размена на идеи, Министерството за финансии и годинава го организира Скопје економски и финансиски форум – СЕФФ, на тема „Одржување економски раст во време на неизвесност и потоа“. Еден од четирите столба на кои ќе се темели дискусијата ќе бидат „Макроекономските предизвици во турбулентни времиња“, за кои на крајот од месецов, ќе дебатираат функционери од земјава и регионот, академици и признати експерти од областа. На форумот ќе бидат разменети искуствата за политиките и мерките кои се преземаат кај нас, во регионот и пошироко за надминување на ефектите од кризите.

Светот, регионот и земјава се исправени пред нови закани кои се резултат на нарушување на глобалните синџири на добавување, поради поспорото опоравување на понудата во однос на побарувачката, како и кулминација на геополитичките тензии како резултат на војната во Украина. Последица на ова се очекува да биде забавување на глобалниот раст, вклучително и во регионот, и забрзување на стапката на инфлација над ниските нивоа, карактеристични за изминатата декада.

Како резултат на војната во Украина, Светска банка во април ја ревидираше стапката на раст на глобалната економија за 2022 година од 4,1% на 3,2%, додека ММФ исто така ги намали очекувањата во однос на почетокот на годината за 0,8 процентни поени на 3,6%. Засега основните сценарија на меѓународните финансиски организации предвидуваат раст во 2022 година. ММФ годинава очекува забрзување на инфлацијата кај развиените економии на 5,7% и 8,7% за земјите во развој, поради раст на ценовните притисоци и нивно проширување на поголем број на производи.

Минатата година македонската економија закрепнуваше од корона-кризата. Растот беше резултат на растот на потрошувачката, потпомогнато од силниот фискален стимул,  како и од релаксирањето на ограничувањата за движење и патување. Стапката на невработеност достигна историски најниско ниво во земјата, а сиромаштијата го продолжи трендот на опаѓање. Сепак, по почетокот на војната во Украина и кулминација на ценовните притисоци, како во светот, така и кај нас, очекувањата за економскиот резултат се намалија. Меѓународните финансиски институции, иако очекуваат раст на нашата економија и годинава, со најновите проекции, тој е намален на 3,2% според ММФ и 2,7% според Светска банка. И Министерството за финансии набрзо ќе излезе со нови макроекономски проекции.

Пред носителите на економските политики се нови предизвици. Фискалната политика е целосно насочена кон апсорбирање на шоковите преку носење на соодветни антикризни мерки. Досега донесените фискални мерки за справување со ценовната и фискалната криза се проценуваат на околу 615 милиони евра. Исто така, со ребалансот на буџетот ќе се направи фискален простор за нови мерки, согласно развојот на состојбите.

Дебата, размена на идеи и искуства е добредојдена во овие времиња, кога можеме да извадиме заклучоци и од теоријата и од праксата во насока на креирање на оптимални решенија. Во таа насока е и СЕФФ, кој за кусо време стана платформа за дискусија и развој на економска мисла.